1. ГЛАС НА ГРАЃАНИТЕ - ЗАШТИТНИК НА ПРАВАТА И СЛОБОДИТЕ

Ќе продолжам да бидам гласот на сите граѓани, на нивните
постигнувања, но и на нивните проблеми. Да се биде глас на сите
граѓани значи да се обединува, а не да се дели општеството. Секогаш
ќе се залагам и ќе работам за решавање на проблемите и предизвиците
на граѓаните и заедниците. Македонското општество е доволно
поделено, нам ни треба обединување кое ги надминува етничките,
верските, социјалните и политичките разлики. Нам ни треба граѓански,
а не партиски претседател. Мојата работа како претседател независен
од партиите и посветен на граѓаните ќе продолжи и во вториот мандат.

2. ПРОМОТОР НА ПРАВАТА НА МЛАДИТЕ, РАНЛИВИТЕ И МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Ќе продолжам да предлагам нови политики и промени во работата
на институциите со цел да им се промени животот на тие на кои им е
најтешко – најранливите сограѓани и маргинализираните заедници.
Во однос на младите ќе иницирам проект за изработка на централна
база на податоци за сите млади кои се образуваат, доусовршуваат
или своите знаења и вештини ги применуваат работејќи во странски
компании и организации. На тој начин ќе можеме да го задржиме
контактот со нашите млади, да ги користиме нивните знаења и вештини и да им понудиме услови да се вратат во својата татковина и дома да работат за нашиот напредок и благосостојба.

3. ЗАШТИТНИК НА ДЕМОКРАТИЈАТА И СОРАБОТКАТА МЕЃУ ЗАЕДНИЦИТЕ ВО МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО

Ќе продолжам, независно од тоа кои партии ќе бидат во владата, а кои
во опозиција, да предупредувам или да го употребувам правото на вето
секогаш кога законите се спротивни на интересите на граѓаните, на
нивната благосостојба и на нивните права и слободи.

Ќе продожам да работам за правата на сите заедници. Особено ќе се
фокусирам на правата на помалубројните заедници и ќе формирам
посебно советодавно тело во мојот кабинет што ќе предлага политики
и мерки за правата на помалубројните заедници.
Ќе продолжам да организирам политичко образование во рамките
на Претседателскиот центар за политичко образование во духот на
демократските вредности, а ќе започнам и иницијатива за воведување
на демократското политичко образование во формалниот образовен
систем како најдобар начин да се спротивставиме на растечкиот
екстремизам и популизам.

4. БОРБА ЗА ПРАВНА ДРЖАВА ОСЛОБОДЕНА ОД КАНЏИТЕ НА ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈАТА

Ќе бидам ПРЕДВОДНИК на иницијатива за ЦЕЛОСЕН ВЕТИНГ ВО
ПРАВОСУДНИТЕ ИНСТИТУЦИИ И ВО ПОЛИТИКАТА. Мораме да
овозможиме законска можност за проверка на сите судии, обвинители,
високи функционери во правосудството, но и на сите политичари.
Свесен сум дека ова ќе биде тежок и долг процес, но знам дека
клучниот проблем не се законите, туку луѓето кои ги спроведуваат
законите. Затоа сите оние кои нема да го поминат ова прочистување
нема да можат да ја делат правдата или да учествуваат во политиката.
Време е силно да удриме врз криминалците бидејќи тие ќе ја уништат
нашата држава и општество.

5. ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА КАКО ДВИГАТЕЛ НА ЦЕЛОСНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА

Ќе се посветам на градење на нов реализам на нашиот пат кон ЕУ.
Новиот реализам подразбира користење на сите придобивки во
рамките на постепената интеграција во Европската Унија, а пред сè
ефикасно користење на средствата за економски и социјален развој
од новиот План за раст на западниот Балкан на ЕУ. Исто така, особено
ќе се посветам на унапредување на соработката со институциите на
Европската Унија во делот на развојот на инфраструктурата, зелената
транзиција и заштитата на животната околина и справувањето со
климатските промени.